За нас

Женскиот фудбалски клуб ЏИ-ЏИ од Скопје е формиран 27 јуни 2016 година. По основањето, истата година, ЖФК ЏИ-ЏИ беше прв клуб од Скопје кој пријави екипа во развојните турнири за девојчиња, ФИФА проект, генерација 2002/03 и генерација 2004/05/06, кои ги организираше ФФМ во сезоните 2016/2017 и 2017/2018. На 8 март 2017 година, ЖФК ЏИ-ЏИ и останатите клубови од другите градови во регионалната младинска лига во женска конкуренција при ФФМ, од ФИФА добија поддршка во вид на донација во опрема сочинета од дресови, копачки, костобрани, штуцни, маркери и топки од брендот „Adidas“. Во сезоната 2017/2018, ЖФК ЏИ-ЏИ како дебитантска екипа се пласираше во полуфиналето на развојните турнири во регионалната младинска лига во женска конкуренција при ФФМ, генерација 2002/03 и освои трето место. Од сезоната 2018/2019, клубот официјално се натпреварува во женската младинска лига при ФФМ, генерација 2003/04 и е првата женска екипа која се приклучи во детската лига при ФФМ, генерација 2008.

2018-та година ја одбележаа неколку значајни моменти за клубот. Направени се два трансфери од ЖФК ЏИ-ЏИ во сениорскиот тим на ЖФК Тиверија: Теа Божиновска и Миа Головска. Четири други фудбалерки беа повикани од страна на координаторот на проектот U13 и U15 поддржан од ФФМ: Катерина Ацевска (голман), Илина Јовановска, Драгана Васиќ и Ана Марија Трпевска. Во репрезентацијата U17 зедоа учество тогашната членка Теа Божиновска и актуелната членка Ангела Јаневска, играјќи против Азербејџан, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Фото: Kostic Dusan/123RF

Нашата мисија

Мисијата на ЖФК ЏИ-ЏИ е да им овозможи на сите девојки на возраст од 7 до 15 години кои ја сакаат фудбалската игра, да си го пронајдат своето место во клубот и да продолжат понатака во репрезентација и интернационални клубови. Со проширување и поддршка на идејата ќе се зголеми бројот на спортисти во Северна Македонија и регистрирани фудбалерки со комет број во ФФМ. Снежана Трпевска, како основач и тренер во клубот, смета дека со зголемување на бројот на запишани членки во клубот ќе се зголеми и бројот на талентирани фудбалерки на кои ќе биде горда нашата држава. Преку тренинзите кои им ги овозможува ЖФК ЏИ-ЏИ тие ќе добијат прилика да стекнат и да ги усовршат фудбалските вештини, а најуспешните да го носат националниот дрес.

Фото: Kostic Dusan/123RF

Краток историјат на идејата зад клубот

Тренерот Снежана Трпевска, која сега поседува УЕФА А лиценца, при своето запишување на Вишата тренерска школа во академската 2000/2001 година при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, отсек-фудбал, дојде до идеја, покрај студирањето, да организира и турнир за да се види колку жени кои го сакаат фудбалот ќе се пријават. Со оглед на тоа дека 11 години женскиот фудбал во Северна Македонија не беше активен – со распадот на Југославија се распадна и женскиот фудбалски клуб „Единство“ кој беше втор во Југославија и се натпреваруваше во југословенската лига – идејата беше поздравена и поддржана од Димитар Циев, тогашниот декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, кој воедно и свечено го отвори турнирот. На турнирот се пријавија седум екипи и тоа се сметаше за прилично голем одзив; имено, се работеше за отприлика 70-80 девојки кои искажаа интерес за фудбалската игра.

Снежана Трпевска со својата екипа ЏИ-ЏИ отиде во ЖФК Единство како клуб со традиција и пошироки контакти, за да се поттикне побрз развој и враќање на женскиот фудбал во Северна Македонија. За кратко време подоцна се направи лига во мал фудбал, поддржана од фудбалскиот сојуз (со обезбедување бесплатни сали и судии). Требаше да опстоиме со лигата во мал фудбал за кратко потоа, година дена подоцна, да дојде на сцена и големиот фудбал. Тоа се сметаше за голем придонес во женскиот фудбал во Северна Македонија.