ЖФК ЏИ-ЏИ од Скопје на меѓународен женски фудбалски турнир во Сараево

Фудбалската школа „Респект“ организираше дводневен спортски настан насловен „STEP UP“ кој се одржа од 23 до 26 април 2019 година во хотелот „Холивуд“ во Сараево, Босна и Херцеговина.

На настанот зедоа учество фудбалски професионалци, медицински експерти, млади фудбалери и фудбалерки и рекреативци ентузијасти кои ги поврзува љубовта кон фудбалот и посветеноста на вклучувањето и задржувањето на децата во фудбалот.

Содржината на настанот беше комбинација од дијалог за значењето на фудбалот, фудбласки турнир, филмска премиера за фудбалската школа „Респект“, како и размена на „нараквици на пријателство“, по повод Меѓународниот ден на фудбалот и пријателството 25-ти април.

Централна тема на Меѓународниот симпозиум беше „Вклучување и задржување на децата во фудбалот: Тренерот како клучен фактор“, која беше обработена низ пет панел-дискусии за тренерот како експерт, педагог/психолог, родител/старател, мотиватор и организатор/менаџер.

Прекрасните воведничари Мунир Таловиќ, Харис Алиќ, Нермина Вехабовиќ – Рудеж, Тарик Додиќ и Кристина Шешлија заедно со панелистите Ивана Влаиќ, Мемнун Суљагиќ, Менсур Доган, Јасмин Лигата, Нермин Гогалиќ, Алдин Ченан, Емин Ќуровиќ, Петар Николиќ, Мирјана Рондовиќ, Салиха Њуховиќ, Харис Алихоџиќ, Санела Коњхоџиќ, Емир Хујдур и Горан Вукадин зборуваа како да се вклучат, но и да се задржат децата во фудбалот, преку улогата на тренерот во тој процес.

Врв на сето она што е единствена мисија на фудбалската школа „Респект“, беше премиерата на документарниот филм во преполниот хотел „Хилс“ која ја отвори Гита Нарајан, претставничката на УНИЦЕФ во БиХ. Гордост, среќа, радост, но и солзи ја одбележаа оваа ноќ, се вели во соопштението на организаторите.

Меѓународниот женски фудбалски турнир се одвиваше во културниот и спортски центар „Илиџа“. Овој турнир обедини девојчиња на возраст до 15 години од тимови од Босна и Херцеговина, (ЖНК Бротњо Читлук, СФК 2000 Сарајево, ЖФК Слога Какмуж – Петрово, ФШ Респект), Србија (ЖФК ТСЦ Кањижа), Македонија (ЖФК ЏИ-ЏИ од Скопје) и Црна Гоора (ФК Брезница Пљевља). Турнирот помина во знакот на фер плеј, дружење меѓу девојчињата, а на најуспешните им беа врачени и пехари.

„За нас овој настан е многу значаен. Ги заокруживме дводневните разговори за значењето на фудбалот и спортот воопшто за развојот и напредокот на секое дете. Седум тимови, од пет земји, учествуваа во работата на симпозиумот, беа со нас на премиерата на документарниот филм за фудбалската школа „Респект“ и играа турнир за кој сигурно можат да кажат дека беше турнир во фудбал и пријателство“, изјави Емир Хајдур, основачот на фудбалската школа „Респект“.

„Како да се опише, а на вистински начин да го доловите она што сите учесници го добија со ваквиот настан исполнет само со позитивни работи за општеството, за младите луѓе, за сите нас ентузијасти кои после овој настан мораме и сакаме уште подобро и повеќе да работиме на тоа на овие спортисти да им овозможиме услови какви што заслужуваат, какви што ни ги овозможи нам организаторот на настанот во текот на овие четири дена“, изјавија од ЖНК Бротњо.

Од ЖФК ТСЦ Кањижа кратко искоментираа: „Овој настан, и организациски, и на секој друг начин постави норми и стандарди, кои не знаеме дали некој во скоро време ќе може да ги надмине“.

„Ова беше прво наше учество на меѓународен турнир, што се покажа како непроценливо искуство за младите фудбалерки. Успеавме да се пласираме во полуфиналето, а на крајот завршивме на четвртата позиција. Тесните резултати на натпреварите уште еднаш потврдија дека девојките од регионов и воопшто се навистина подготвени и можат да понудат возбудлива фудбалска игра, која слободно може да им парира на мажите. Впрочем, една од целите на нашиот клуб и сличните на него е родовата еднаквост во фудбалот, како од аспект на медиумско покривање и посетеност на натпреварите меѓу женски фудбалски клубови, така и од аспект на привлекување спонзори и платеност на женските фудбалски играчи. Ни претставуваше огромно задоволство да се дружиме и размениме контакти со останатите тимови. Дополнително, нашиот клуб и натаму ќе се стреми да ги следи најновите трендови преку едукација на тренерите со учество на вакви настани. Исто така, се надеваме дека оваа демонстрација на интернационалната димензија на фудбалот и можностите за усовршување и просперитет во спортот ќе привлече нови членки во нашиот клуб“, изјави Снежана Трпевска, претседателка на ЖФК ЏИ-ЏИ од Скопје.

Фудбалската школа „Респект“ е добитник на признанието „Шампиони во инклузивност“ кое во 2018 година ѝ беше доделено од УНИЦЕФ во БиХ и Делегацијата на ЕУ во БиХ, а воедно е и прв добитник во БиХ на наградата UEFA Children Award.