Младите фудбалерки од ЖФК ЏИ-ЏИ ја имаа честа да ја соопштат добитничката на спортски оскар за најдобра спортистка за 2018 година на гала-вечерта насловена „Вечер за жени во спортот“ која се одржа во четвртокот (20 декември) во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, кога за прв пат во Македонија беа доделени оскари за жени во спортот. Организатор на настанот е здружението „ТАКТ“.

А спортскиот оскар за најдобра спортистка за 2018 година отиде кај фудбалерката Наташа Андонова. Во нејзино отсуство, наградата ја прими нејзиниот татко кој изјави: „Ви благодарам за наградата. Ние сме горди родители и ви посакуваме на сите да го почувствувате овој момент што ние го чувствуваме сега. Наташа има добиено многу награди, но ова е една од најдрагите награди, барем што се однесува до нас како нејзини родители. Овие девојки (н.з. ЖФК ЏИ-ЏИ) лично ги познавам, тука е и Снежана (н.з. нивниот тренер), и им посакувам да продолжат да се борат во спортот, да постигнат успеси како нашата ќерка Наташа и да ја претстават нашата држава на уште повисоко ниво во Европа и во светот“.
Сосема на крајот, девојките ѝ испратија едногласна порака на Наташа: „Наташа, ти си наша инспирација“.
Манифестацијата ги слави успехот и најдобрите спортски постигнувања на жените спортистки во вкупно 13 категории. Целта на настанот е да се истакне квалитетот и значајноста на женскиот спорт во Република Македонија, да се актуелизира и промовира заложбата за родова еднаквост во спортот и да се поттикне поголема медиумска поддршка на жените кои се активни во спортскиот сектор. Со доделувањето на статуетките им се оддава признание на силата, инспиративноста и моќта на жените, велат од „ТАКТ“.