Психолошки аспекти на спортската комуникација родител-спортист-тренер

Позитивната комуникација помеѓу тренерот, спортистот и родителите е императив за развој на спортистот.  Првите сознанија за спортот, спортистите ги добиваат најпрво од родителот. Родителот има голема улога и е важен модел детето да се вклучи во спортската активност. Ако родителите се залагаат за здраво спортско живеење, постои можност и нивните деца да израснат во т.н. “спортски дух”.

Според Булл, (1985) се поставуваат следните прашања за кои мораат да се запрашаат родителите:

  • Како на детето да му ги предадеме искуствата во спортот?
  • Зошто и како мораме да ги поддржуваме децата во спортот?

Родителот сам ги поставува спортските цели на детето и очекува нивно исполнување. Во тој процес нормално е повеќе пати први тренери на децата да се нивните родители, кои некогаш биле активни спортисти или тренери. За жал тогаш се случува напорите за односот тренер-родител да се насочени за постигнување на сопствените амбиции, а не на амбициите на детето, што мошне ги ослабува односите меѓу родителите и децата. (Гуммерсон, 1992).

Детето-спортист е физички и ментално ранливо и многу често физиолошки, не може да ги поднесе тренинзите кои ги зацртал премногу амбициозниот родител. Воедно не е ни доволно емоционално-социјално зрел за да ги поднесе сите тренинзи и сите притисоци на своите родители. Таквото дете лесно развива интензивно чувство на вина и многу размислува да не ги разочара тренерите, родителите или пријателите. Во ваквите ситуации родителите-тренери не можат да се справат со т.н. проблеми и работата ја препуштаат на други тренери.

Од друга страна, приодот на детето кон спортот е зависен од талентот и мотивацијата за работа. Ако спортистот покаже интерес и е “потенцијал”, има големи изгледи за успешна кариера, секако дека родителите треба максимално да го поддржуваат.

Почест пример за децата кои не добивааат позитивни искуства за спортот се одредени несогласувања меѓу родител и тренер. За самото дете-спортист е многу важно родителот и тренерот, конфликтите да ги решаваат на социјализиран начин, бидејќи сето тоа се рефлектира на развојот на детето. Тоа е вообичаен конфликт кој, кај тренерите почесто има мислење дека во родителите лежи проблемот, а родителите мислат дека тренерот не ги разбира нивните деца.

Овој однос е многу важен за напредокот на детето во спортот. Важно е и родителот и тренерот да постигнат взаемно почитување.

Како потенцијални проблеми кои настануваат меѓу тренерот и родителот се:

  • родителот го презема местото на тренерот, односно премногу родителот истражува и докажува дали неговото дете-спортист ги исполнува очекувањата или не. Таквото вмешување кај тренерот доведува до послаб однос меѓу тренерот и спортистот. Родителот мора да го почитува знаењето на тренерот и да има одредено разбирање за неговата работа.
  • тренерите кои родителите потполно ги исклучуваат од клубот. Тренерите мораат да имаат предвид дека заедно со родителите се дел од живеењето на детето-спортист.

Потребна е меѓусебна комуникација со тоа што родителот треба да е запознаен со настаните и истиот би бил подготвен за соработка и слично.

Тренери и родители – играјте улога

Потребно е да се минува време со своите спортисти, со кои ќе се дискутира за проблемот на страв: “страв” од победување, “страв” од неуспех и “страв” од потклекнување како елитен спортист.

Некои спортисти имаат природна наклонетост да излезат и да се покажат во натпреварот. Едноставно уживаат во целокупниот процес. За време на загревањата и претставувањата пред да бидат повикани, ја сакаат возбудата и исчекувањето. Додека некои спортисти стануваат нервозни, супер-возбудени и целосно извадени од памет пред натпревар. Тоа е веќе проблем. Секој има различен концепт на однесување и различен модел на мотивирање. Некој од нив е високо екстравертно расположен, некој слуша музика, некој прави последни визуелизации пред стартот, некој ужива да се равеселува пред големите натпревари, а на некој му треба мир. Тоа значи дека спортистите имаат различни стилови на соочување и справување со стресот на натпреварувањето. Многу важно е да се почитуваат и ценат тие индивидуални разлики.

Довербата е голем проблем кај спортистите. На некои им е потребно да имаат константна поддршка и засилување. Натпреварувачите ги изведуваат своите стилови на тренинг и натпреварување од нивните детства и нивните семејни системи за поддршка. Родителите никогаш не треба да ги остават своите деца да се откажат од спортот, а од друга страна пак и никогаш да не ги форсираат да се натпреваруваат или пак да им ја наметнуваат нивната волја за да бидат сериозни во поглед на спортот. Тие треба да бидат онаму во позадината како родители со поддршка за своето дете, без заканата од принуда. Треба да се прави разлика тоа што детето носи во спортот базирано на неговите родителско влијание.

Родителите имаат важна улога, како спортистот-нивното дете, ќе ја сфати суштината на спортот. Многу спортски психолози и врвни спортисти, сугерираат на родителите да ги поттикнуваат своите деца во спортот да најдат забава и да не го сфаќаат спортот премногу сериозно. Бидејќи кога родителите приморувааат, тогаш создаваат вистински проблеми. Нивните деца можеби ќе успеат во спортовите, но ќе им недостасува вистинско уживање или исполнување во нивните постигнувања.

Улоги на родителот–спортистот-тренерот во спортот

Важен предмет на истражување е откривање на мотивите кои ги водат децата во спортот и кои ги задржуваат во спортот, или пак се причина за пребрзо откажување на младиот спортист.

За разбирање на спортот на младите, многу важен е односот тренер – дете (млад спортист) – родител. Возрасните се исто така многу важни во спортот кај младите. Тие се одговорни за тоа какви спортски искуства би добил младиот спортист.

Во последните десет години се направени студии во врска со начините на тренирање на младите спортисти. Многу родители се неретко главни виновници нивните деца прерано, пребрзо да престанат со активно учество во спортот. Многу испитувања покажале дека детето – младиот спортист си заминува ненадејно од спортот, прерано поради недоразбирање со своите родители.

Препорачливи улоги за родителите:

  • финансиски и емоционално да му помогнат на младиот спортист да развие сигурност и самодоверба;
  • да му помогнат на детето да го надмине стресот што настанува на натпреварите;
  • да бидат позитивни и емоционално стабилни;
  • да се заложуваат детето да ги следи начелата за фер спорт и етика;
  • да имаат трпение и доверба во тренерот и стручниот тим.

Препорачливи улоги за тренерот:

  • да го учи спортистот на дисциплина и фер спорт;
  • да гради во детето самодоверба и самосвест;
  • да го учи на физички и ментални способности потребни за успех;
  • да ги едуцира родителите и истите да помогнат за поставената цел полесно да се постигне;
  • да му помогне на младиот спортист како да ги постигне целите во спортот;
  • да му помогне на младиот спортист да разбере што сѐ е потребно за постигнување на тие цели.

Препорачливи улоги за младите спортисти:

  • да даде сѐ од себе – целосен физички и ментален пристап за достигнување на целта;
  • да задржи позитивен однос;
  • да се договори со родителите и тренерот за сѐ она што се однесува на неговите чувства и фрустрации;
  • да се води по фер спорт и етика;
  • да си постави цел и истата да ја достигне.

ЗАКЛУЧОК

Родителите секогаш треба да ги поттикнуваат своите деца на физичка активност, прво за подобро физичко и ментално здравје, а второ за подобра социјализација и стекнување на спортска култура уште од најрана возраст. Тренерите треба да развиваат чувство кај децата спортисти за фер спорт и етика, припадност во групата, дисциплина, упорност, позитивна поткрепа која ќе ја зголеми самодовербата, сигурноста и мотивацијата. Спортистот треба да научи како да ја користи сопствената ментална моќ, особено за врвни натпреварувања, а истовремено да ужива во тренингот и патот кон создавање на високи резултати.

Текстот, чии автори се Ленче Алексовска Величковска и Вујица Живковиќ, е првично објавен во стручното списание за физичко образование, спорт и здравје „КОНДИЦИЈА“ (бр. 4, 2016) кое го издава Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.